Моќен одговор на шампионот, Работнички убедливо го надигра Куманово

Откако во понеделникот загубија во „вечното“ дерби против МЗТ Скопје, кошаркарите на Работнички им се вратија на победите, откако во дуел од шестото коло на Суперлигата убедливо го совладаа тимот на Куманово со 97-71 (24-12, 29-17, 18-21, 26-21). И овој дуел првакот го одигра како домаќин во спортската сала „Младост“ во Гостивар, каде екипата на Докузовски играа оваа пролет.

Од самиот почеток Работнички наметна високо темпо и се оддалечи од тимот воден од Александар Петровиќ на +12. Караџовски и Стајиќ погодуваа од надвор, а и под обрачите доминираа скопјани. Ѓекиќ возвраќаше, но Докузовски полека ги разигруваше сите кошаркари во вториот период ред дојде на Јанески. Со преубедливи 53-29 се замина на големиот одмор, а победникот практично беше решен.

Во третиот квартал Куманово реагираше, Мекиќ и Ѓекиќ предизвикаа серија 11-2 и предноста се преполови. Но, тоа беше само моментален блесок, бидејќи Работнички рутински го приведе натпреварот кон крај и славеше со 97-71.

Најефикасни поединци во таборот на Работнички беа Стајиќ со 24 и Јанески со 22 поени, а кај Куманово се истакна Ѓекиќ со 20 поени.

Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ се игра последниот натпревар од ова коло, а се среќаваат МЗТ Скопје и Кожув.