• Саше Љолес
Тренерот на Хелиос Санс, Јуре Мочник, во разговор со веб-сајтот на АБА2 лигата го најави претстојниот натпревар во кој неговиот тим ќе се соочи со македонскиот шампион, МЗТ Скопје.
„Металците“ го загубија првиот меч на домашен терен и сигурно ќе допатуваат во Словенија со голема желба за одмазда, а за тоа е свесен и Мочник, кој предупредува дека неговиот тим не смее да се опушти во ниту еден момент.
„Во Домжале доаѓа еден многу искусен тим на МЗТ. Игравме со нив пред две недели, така што сега многу подобро се познаваме и мислам дека нема да има никакви тајни и изненадувања. Очекувам тежок и напорен меч, во текот на сите четириесет минути.
Не смееме да се опуштаме, мораме да бидеме максимално фокусирани. Ги повикувам навивачите да дојдат и да ја наполнат салата до последното место“, рече тренерот на Хелиос.
МЗТ Скопје е во незавидна ситуација и мора да извојува победа ако сака да ги задржи шансите за пласман во плеј-офот на АБА2 лигата. Аеродромци во моментов имаат скор од една победа и два порази во групата А.