• Мартин Танасковски
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија до 20 години успешно го започна настапот на Европското првенство Б-дивизија, откако во првото коло ја совлада домаќинот Словачка со 71-63.
Избраниците на селекторот Никола Велев имаа потежок почеток на натпреварот, па по првите десет минути Словаците имаа минимална предност од 17-15. Сепак, македонските надежи одиграа одлична втора четвртина, во која целосно ја презедоа контролата врз играта. Нашата селекција го доби овој период со убедливи 26-11 и на полувремето замина со двоцифрена предност од 41-28.
Во продолжението Македонија мудро ја контролираше разликата, не дозволи противникот сериозно да се доближи и без поголеми проблеми го приведе натпреварот до крај, запишувајќи заслужена победа од 71-63.
Најдобар поентер кај Македонија беше Коста Ќириловски со 15 поени, пред Марко Лукановски со 11 поени и девет скока. Двоцифрен учинок имаше и Давид Петрушевски со вкупно 10 поени.
Во следното коло кое на програмата е утре, Македонија У20 игра против Ирска.
