• Мартин Танасковски
Македонската младинска кошаркарска репрезентација забележа убедлива победа над Холандија со 89-60 и обезбеди натпревар за пласман на деветтото место на Европското првенство од Б-Дивизијата.
Нашите кошаркари не го отворија најдобро натпреварот, бидејќи Холандија имаше предност од 23-16 по првата четвртина. Сепак, македонските кошаркари брзо го пронајдоа вистинскиот ритам, ја презедоа контролата врз играта и со одлична втора четвртина направија комплетен пресврт.
До заминувањето на полувреме Македонија веќе имаше убедлива предност од 48-34, а доминацијата продолжи и во вториот дел. Нашите младинци одиграа сигурно во нападот и цврсто во одбраната, не дозволувајќи им на Холанѓаните да се доближат, па разликата постојано растеше до конечните 89-60. Најефикасен во македонскиот состав беше Ќириловски, кој натпреварот го заврши со 18 поени и шест скокови, додека Марјановиќ додаде 12 поени во убедливиот триумф.
Со оваа победа Македонија обезбеди натпревар за деветтото место на Европското првенство, каде што ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Босна и Херцеговина и Азербејџан.
