Младинците подобри од Албанија, ќе играат за 17. место на ЕП Б-дивизија

Машката селекција на Македонија за играчи Под 20 години, ги продолжи натпреварите на ЕП од Дивизијата „Б“ во Ереван со победа над врсниците од Албанија со 84-74.

Во натпреварот од групата за пласман од 17. до 21. место во финалното рангирање, нашите млади кошаркари беа подобри од ривалот, макар што до победата дојдоа со одлично одиграната трета четвртина, во која го „скршија“ отпорот на противникот.

Иванов имаше одлично второ полувреме и го затвори натпреварот со 21 поен, плус и пет скока, и две асистенции, а Стојковќ застана на 15 поени. Кечовски додаде 12 поени, додека Ќириловски имаше уште 10 поени, со по четири скока и асистенции.

Со овој резултат, нашата младинска репрезентација утре, рано изутрина, од девет часот, ќе игра против селекцијата на Словачка, за пласман на 17 позиција на шампионатот во Ерменија.