Младеновски останува, Јовановски и Ристевски се вратија во Пелистер

Искусниот репрезентативен центар Љубомир Младеновски и следната сезона ќе го носи дресот на Пелистер. Вицешампионот пред неколку дена го потврди останувањето на Стајиќ, а по истиот принцип и Младеновски ја искористи опцијата за втора сезона во актуелениот договор и ќе остане во Битола. Високиот 27-годишен центар дојде минатото лето во Пелистер од Работнички, а претходно настапуваше за МЗТ Скопје и Илирија.

Пелистер врати и двајца битолчани кои играа во Втората лига во својот матичен клуб. Нови членови на битолскиот прволигаш се Александар Јовановски, кој доаѓа од Охрид и Мартин Ристевски, кој минатата сезона настапуваше за Чаир. 

Со овие потписи само започнува преодниот рок на пелистерци, кои минатата недела го официјализираа Двојаковски. Клубот брзо ќе ги откри имињата на странските засилувања, а предвидени се и уште неколку домашни имиња. 

Пелистер сезонава ќе ја претставува Македонија во АБА2 лигата, а во домашниот шампионат ќе се обиде трета година по ред да влезе најмалку меѓу четирите најдобри екипи.