Младеновски: Фокусот треба да ни е на Естонија, сакаме победа со двоцифрена разлика

Љубомир Младеновски се очекува да биде еден од главните адути на селекторот Александар Тодоров на претстојниот „балон“ на нашата најдобра кошаркарска селекција во Талин. 

25-годишниот центар веќе е во некој натпреварувачки ритам, затоа што со својот Работнички досега одигра доволен број на квалитетни натпревари како оние четири во изминатите две седмици во „балонот“ на Златибор кој го организираше АБА 2 лигата.  Тој смета дека оваа Македонија има шанси да покаже многу и верува во двоцифрена победа против Естонија.

„Конечно по помало одложување во домашната првенство, почнавме пред две и пол недели со мојот клуб, Работнички во АБА 2 лигата, каде се играше по еден турнирски систем. Би се рекло, се собраа доста натпревари за кратко време. Завршивме пред неколку дена. Имавме и неколку дена да се одмориме, да се опоравиме. Сега ни е прв собир со репрезентацијата. Малку е тешка ситуацијата поради  вирусот, со оние тестирања, со заболени, моменти во кои не се знае ништо, ни кој ќе патува, во кој состав ќе бидеме во Талин. Овие неколку дена ќе тренираме тука, во Скопје. Во понеделник патуваме за Естонија. Позитивно е тоа што ќе бидеме неколку дена порано во Талин. И се надевам дека ќе имаме доволно време да се воиграме со новиот Американец и со Војдан. И со нив заедно во тимот да одиме на двоцифрена победа против Естонија“, коментира Младеновски во однос на оној актуелен момент во кој функционира нашата најдобра селекција.

Младеновски вели дека играта на Естонија е добро анализирана и нивниот фокус треба да биде ставен токму на овој напревар, иако пред него играме со Италија

„За Естонија знам повеќе, затоа што веќе игравме еден натпревар дома. Немаат некоја висока екипа, и играат доста брза кошарка. Тоа во овој момент можеби и ќе ни одговара, затоа што имаме дефицит на високите позиции. За средбата со Италија, немам некои детални информации. Знам дека резултатот им е во ‘втор план’. Дека играат со подмладен состав и дека покрај тоа, исто така биле квалитетни. Иако првиот натпревар ни е со Италија, лично мислам дека нашиот фокус треба да го поставиме на втората средба, со Естонија. За да се сконцентрираме на него, и да победиме со двоцифрена предност, и за да ни остават ‘живи’ шансите за пласман на Европското првенство“,м дополнува нашиот центар.

Кошаркарската селекција ги заврши своите подготовки на домашно тло и ќе отпатува за Талин каде на 28 и 30 овој месец ја чека дуели со Италија и Естонија.