Младеновски: Ако има и најмала шанса за настап - ќе го облечам македонскиот дрес!

Селекторот на македонската репрезентација, Драган Бајиќ се соочува со многу проблеми пред стартот на квалификациите за Светското првенство. Натпреварот против моќната Шпанија на Серџо Скариоло тропа на врата, а последните главоболски за нашиот стручен штаб доаѓаат на центарската позиција.

Љубомир Младеновски не тренира заради труење со храна и неизвесен е за настап на првите два натпревари против Шпанија и Украина.

„Имам стомачен вирус и сериозни проблеми за нормален тренажен процес. Разговарав со селекторот и му се ставив на располагање, макар и со еден тренинг да помогнам против Шпанија.

Сепак, за да ги заштитам соиграчите од вирусот селекторот препорача да мирувам и целосно да закрепнам. Доколку има и најмала можност да играм за мојата репрезентација, не би се двоумел и би го облекол дресот со државниот грб“, вели центарот на Пелистер.

Натпреварот Македонија - Шпанија се игра в петок од 19:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.