МКК Куманово го осуди дивеењето на „Кумани“!

Кошаркарскиот клуб Куманово по мечот против Феникс 2010 од седмата рунда на мак-кошарката реши да го осуди однесувањето на навивачите. Пред крајот на првата четвртина поради навредливо скандирање, пиротехника и фрлени предмети на теренот беше прекината средбата. 

Трибините потоа беа испразнети и дури потоа натпреварот продолжи. Два дена по мечот со официјално соопштение клубот го осуди дивеењето на навивачката група „Кумани“. Тие повикаа на расчистување на случајот и реакција на надлежните институции.

„МКК Куманово ја информира јавноста дека се оградува и го осудува немилиот настан од 16 ноември.2024 год. на натпреварот помеѓу МКК Куманово и екипата на Феникс 2010 од Скопје на натпреварот од седмото коло од Првата македонска кошаркарска лига.

Имено, на натпреварот во втората четвртина се случи немил настан предизвикан од страна на група на навивачи каде на 01 минута и 40 секунди пред крајот на втората четвртина при водство на домашната екипа (35-33) беше фрлена димна бомба, беа запалени два факели, беа фрлени 2 петарди, петарда со топовски удар, искорната е пластична столица од трибините и истата е фрлена на терен, беа искршени и фрлени и заштитни делови од оградата.

Во текот на натпреварот имаше неспортско навивање, скандирање и однесување, користење на скандалозни содржини со етнички, верски и вандалски примеси. Натпреварот после паузата продолжи без публика и нашата екипа успеја да извојува победа.

МКК Куманово не поддржува и никогаш нема да поддржи вакво вандалско однесување, неспортско скандирање, повреда на етничка , верска или било каква друга основа на спортски натпревари и било каде и никогаш нема да оправдаме оштетување на имот и оштествен и приватен. Бараме од надлежните институции во согласност со законските прописи да ги превземат сите неопходни мерки и чекори и се надеваме дека во иднина нема да се повторуваат вакви настани“, стои во соопштението.

Со сигурност и клубот Куманово ќе добие казна од КФСМ за однесувањето на навивачите, пред сè поради безбедносни пропусти.