МКФ: За „случајот“ Работнички ќе излеземе со став по крајот на Купот

Кошаркарскиот првак Работнички со „отровни стрели“ пукна кон Македонската кошаркарска федерација (МКФ) затоа што не му беше дозволено да го регистрира американскиот кошаркар Ксавиер Џонсон, по што со кратко соопштение излегоа од „куќата на кошарката“.

>>> Богдановиќ: МКФ врши директен атак на Работнички, за некого е мајка, за некого маќеа!

Од МКФ велат дека официјален став ќе се објави веднаш по крајот на кошаркарскиот Куп на Македонија, односно понеделник, за да не се нарушува атмосферата и спортскиот дух за време на натпреварувањето.

„Поради одржување на завршниот турнир од државниот Куп 2019 и мотивот да не се нарушува атмосферата и спортскиот дух, канцеларијата на Македонската кошаркарска федерација со сите засегнати тела и органи при МКФ ќе се произнесе со официјален став во врска со настаните околу наводите на кошаркарскиот клуб Работнички од понеделник (15. април). А воедно на сите ученици им посакуваме успех и добри резултати, а на кошаркарските фанови им посакуваме да уживаат во натпреварите“, велат од МКФ.

Купот на Македонија се одржува во Гевгелија, а еден од учесниците е и Работнички, кој е вицепрвак и лани во финалето загуби од МЗТ Скопје.