МКФ: Одлуката да се игра дерби во Гостивар не носи убавина!

По одлуката „вечното дерби“ меѓу Работнички и МЗТ Скопје да се игра во Гостивар, побаравме став и од Македонската кошаркарска федерација (МКФ), од каде изразуваат големо жалење за случувањата.

„Вечните“ во првенството ќе се судрат надвор од главниот град, а публика многу веројатно нема да има. Од МКФ велат дека се зачудени од односот на Работнички и потенцираат дека реакцијата да се пресели големиот меч во Гостивар е крајно аматерска.

„Разочарани сме што дербито е преселено дури во Гостивар и ќе се игра во термин во кој нема да може да се емитува телевизиски пренос, а воедно и Работнички како домаќин нема да обезбеди интернет-стриминг за гледачите. Се прашуваме чија агенда одработува Работнички? Со носењето на одлука дербито да се игра во Гостивар, се губи жарот и убавината на дербито, губат сите вистински љубители на кошарката“, потенцираат од МКФ.

Најголемата кошаркарска пресметка во земјава ќе се игра со почеток од 19.00 часот.