МКФ и МВР ја оставија Македонија во најважниот кошаркарски меч - сосема сама!

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) треба да стави прст на чело и да размисли, дали лесното прифаќање на одлуката мечот против Косово да мине без публика е исправна, затоа што истата може да биде кобна за нас - да останеме ем без квалификации за СП, ем без „виза“ за квалификации за ЕП и да се мачиме за пласман на европскиот собир исто како и сега - преку претквалификациите.

Кошаркарите на Македонија се во исчекување на најважниот натпревар во поновата историја овој пат за, на некој начин, опстанок на мак-баскетот. Македонија за два дена во СЦ „Борис Трајковски“ го пречекува Косово, а мора да победи, за да остане во игра на два фронта - квалификации за СП, како и квалификации за ЕП 2021. 

Во најважниот момент, МКФ по консултација со МВР реши да не се продаваат карти. А, публиката за тимот на Давитков кој потона во очај по неочекуваниот пораз од Естонија во моментов е повеќе од потребна. Барем судејќи според резултатите. Можеби Естонија не беше мотив да се наполни салата, но сепак, Косово сигурно ќе беше магнет повеќе за публиката. Но, на трибините нема да има повеќе од 1.000 луѓе кои навремено осигурале „блок-билет“, незнаејќи дека само тие ќе бидат во салата за нашиот трет квалификациски меч.

Наместо да се направи пекол како во Приштина и да се брка победа - атмосферата ќе биде театрална. Свој удел во одлуката има и Министерството за внатрешни работи (МВР), по чија сугестија доаѓа оваа одлука. Надлежните зачудуваат, затоа што пред два дена го положија тестот пред очите на Европа наречен Суперкуп на УЕФА, кога на „Телеком арената“ имаше 30.000 гледачи, а сега, наводно, не може да обезбедат околу 3.000 љубители на кошарката кои ќе бидат присутни во салата. Наводна причина - инциденти. Па, господа, на Суперкупот имаше ли инциденти кога си ја работевте онака како што треба? Немаше. Зошто да не биде истата процедура и пред „ВИП-арената“, па сите заеднички да можат да уживаат во кошаркаската партија на нашата репрезентација? Или, треба странски фактор да ни нареди, па да се покажуваме дека сме способни да гарантираме безбедност?

Се плашиме ли од одмазда, за исвиркувањето на химната во Приштина и судир на македонско-косовски навивачи во салата? Инфилтрирани инциденти се и реалност на оваа средба, но со добра организација се може да се спречи. Македонската кошаркарска федерација (МКФ) треба да стави прст на чело и да размисли, дали лесното прифаќање на одлуката мечот против Косово да мине без публика  е исправна, затоа што истата може да биде кобна за нас - да останеме ем без квалификации за СП, ем без „виза“ за квалификации за ЕП и да се мачиме за пласман на европскиот собир исто како и сега - преку претквалификациите.