Митревски: Чест е да се игра евро-натпреварување со Пелистер!

Кошаркарите на Пелистер се подготвуваат за настап во квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА, каде што ќе играат против Реџо Емилија.

На официјалната прес-конференција пред стартот на новата сезона освен тренерот Боро Даскаловски се обрати и Андреј Митревски. Тој нагласи дека е добро прифатен од страна на новиот клуб, град и е оптимист за новата сезона.

„Сакам да се заблагодарам на раководството бидејќи ми дадоа шанса да бидам дел од тимот и да играм на едно сериозно ниво во Лигата на шампионите или во ФИБА Европа купот. Ова е голем чекор за сите играчи во македонската кошарка кои се дел од Пелистер, а така и за самиот клуб. Ова треба да е поттик за сите останати да настапуваат на вакво ниво, за да видиме до каде е нашата кошарка. Како што напоменаа директорот и тренерот, играме против многу квалитетен ривал како Реџо Емилија. Тоа не значи ништо, ние ќе дадеме свој максимум и за нас ова е мотивација за докажување дека можеме да се носиме со такви екипи. Многу сум благодарен што ќе имам шанса да играм интернационално и европско натпреварување со Пелистер, каде што не очекуваат доста квалитетни натпревари. Ќе добиеме многу искуство како тим, па без оглед на резултатите ние ќе се бориме за победа. Целта ќе биде да стигнеме што подалеку. Сепак, пред се е чест да се учествува во вакво натпреварување.

Во однос на домашната кошарка, цел ќе биде да донесеме титула во Битола. Ова е публика која сака спорт и пехарот недостига во клупските витрини. Пелистер во претходните години беше близу, па тоа е една од главните цели за сезоната. Многу сум задоволен од условите, градот и атмосферата во клубот. Чувствувам доста позитивна енергија, а се надевам таква ќе биде и сезоната“, изјави Митревски.

Пелистерци в петок ќе се судрат со италијанскиот ривал Реџо Емилија во квалификациската рунда на ФИБА Лигата на шампионите, средба која се игра во бугарски Самоков во терминот од 15:30 часот.