Митрашиновиќ: Се надевам на двојна титула со Баскет КАМ

Женскиот кошаркарски клуб на Баскет КАМ го забележа најголемиот успех во својата историја, откако во големото финале од Купот на Македонија го надигра фаворизираниот Бадел и заслужено се закити со посакуваниот пехар.

Една од предводничките на составот од Македонска Каменица беше капитенот на женската кошаркарска репрезентација на Македонија, Анџелика Митрашиновиќ. Финалето со беделки го заврши со 22 поени, 12 скока и 8 асистенции, а по освојувањето на првиот пехар во историјата на Баскет КАМ најави голема борба за двојна круна.

„Презадоволна сум од исходот во завршницата од Купот, ја очекувавме оваа победа. Сакам да се заблагодарам на КФСМ што воопшто го организираше овој турнир, со оглед на пандемијата со корона вирусот, но и да им честитам на моите соиграчи за добрата игра. Се надевам на уште повозбудливо финале во плеј-офот и на уште еден триумф. Оваа сезона многу се засили македонската кошарка, пред се со странски играчи и тоа е добро за сите. Мене ми заврши со сезоната со Будуќност, па дојдов тука да му помогнам на Баскет Кам во остварувањето на своите амбиции. Се надевам на двојна титула“, вели  Митрашиновиќ за сајтот на КФСМ.

Во полуфиналето, Баскет КАМ извојува фантастична победа над Вардар од 95-59, додека во финалето Бадел падна со 81-64.