Митевски „прекомандуван“ во првиот тим на МЗТ Скопје

Капитенот на кадетската, јуниорската и младинската репрезентација на Македонија и доскорешен лидер на МЗТ Скопје УНИ Банка, Дарио Митевски денес и официјално е „прекомандуван“ во првиот тим на актуелниот шампион. 

19-годишниот кошаркар по одличните настапи во ланската сезона, се реши за далеку поголем предизвик и соработката со клубот од Аеродром ја продолжи до крајот на сезоната 2024/25.

„Станува збор за првата од многуте успешни приказни во најава поврзани со нашата младинска школа и со инвестицијата во втор сениорски прволигашки тим, кој почнува да функционира онака како што беше замислено – како расадник на таленти кои во следниот период гордо ќе го носат сино-белиот дрес на највисоко ниво.

Митевски е дете на МЗТ Скопје Аеродром, каде што ги направи првите кошаркарски чекори уште на 13-годишна возраст и кој се очекува да биде светла иднина и еден од следните лидери на нашиот клуб“, велат од редовите на МЗТ Скопје.

Талентираниот плејмејкер веќе се аклиматизира во првиот тим, каде што се очекува да добие шанса веќе и во претстојната сезона, како опција за организирање на играта заедно со Американецот Дастин Вер и репрезентативецот Кристијан Николов.