Митревски: Добра одбрана и контрола на скокот може да ни донесат победа со Цедевита Јуниор

Кошаркарите на Пелистер продолжувааат со пеколниот ритам натпревари, па така денеска во рамките од четвртото коло од ФИБА Европа купот „зелено-белите“ ќе ја пречекаат екипата на Цедевита јуниор. Хрватскиот тим важи за најдобар во групата, веќе има скор 3-0 по првите три рунди, вклучувајќи ја тука и рутинската победа над Пелистер, во Загреб во првото коло со резултат 94-76.

Сепак, формата на „пелистерци“ од тој момент се движеше во нагорна линија и ако се исклучи онаа потпросечна прва четвртина во Никозија јасно е дека „зелено-белите“ играат се подобро на секој нов меч.

Денешниот дуел е исклучително важен бидејќи победа ќе значи и задржување на шансите за пласман во следната фаза, што е мотив плус за „пелистерци“ – да дадат максимум и да стигнат до посакуваниот триумф.

„Играме против екипа која е квалитетна и досега нема пораз во ФИБА Европа купот. Тоа ни е само мотив, вечерва пред нашите верни навивачи да дадеме се од себе и да се обидеме да ја оствариме втората европска победа. На првиот меч одигравме многу слабо пред се во одбраната, но верувам дека овојпат се ќе биде сосема поинаку и дека ние ќе бидеме тие што ќе се радуваат на крајот. Важно ќе биде да се одигра добра одбрана во текот на сите 40 минути, како и да се исконтролира рекетот со квалитетна скок-игра. Знам дека нашите навивачи ќе ни ја дадат неопходната поддршка од трибините и верувам дека сме на добар пат да забележиме нова европска победа во Битола“, изјави Андреј Митревски, еден од македонските репрезентативци во таборот на Пелистер.

Дуелот меѓу македонскиот и хрватскиот претставник во ФИБА Европа Купот се игра од 20:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.