Мирковски: Пеколниот распоред е добредојден за да ја пронајдеме вистинската екипа

Кошаркарите на Куманово започнаа со густиот распоред на почетокот на новата година. По дуелот со Ибар, македонскиот клуб ќе продолжи со две гостувања во Бугарија.

Противници ќе бидат Академик Пловдив и Берое, а тренерот на кумановчани, Владимир Мирковски, вели дека пеколниот распоред е добредојден за неговата екипа.

„Густиот распоред е добредојден за нас, затоа што ќе можеме да ја видиме вистинската слика, вистинските можности на екипата. Се надевам дека повеќе нема да имаме проблеми со вирусот. Дека ќе бидеме здрави и дека ќе нè одминат повредите. Најважно е да фатиме континуитет и да почнеме да играме кошарка. Калкулирање нема да има бидејќи јас како тренер и Куманово како тим секогаш одиме на победа. На секој натпревар влегуваме мотивирано и со цел да го дадеме максимумот. Имаме 12 кошаркари и можност да се справиме со густиот распоред. Ќе ја поделиме минутажата. Секој играч да одигра по 20 минути на еден одреден меч, што воедно е и еден посилен тренинг“, вели младиот стратег.

На 13 јануари Куманово гостува во Пловдив, а ден подоцна има закажан меч во Стара Загора.