Мирковски на дебито со чесен пораз од ѕвездениот тим на Обрадовиќ

Македонскиот кошаркарски стратег Владимир Мирковски дебитира на клупата на Војводина во дуел против Партизан предводен од најтрофејниот тренер Жељко Обрадовиќ, а неговиот тим не се посрамоти, иако доживеа пораз (69-85) во рамки на „Радивој Корач“ - Купот на Србија.

Кошаркарите на тимот од Нови Сад ја имаа таа несреќа да мораат да се соочат со евролигашот во рамки на четвртфиналето, но дадоа се од себе за во „Чаир“, чии трибини беа обоени во црно-бело, да му парираат на ривалот.

Издржа Војводина околу осум минути играјќи егал, а потоа почна да киксира и нивниот ривал замина на двоцифрен плус. Партизан не форсираше во играта, не бркаше разлика, играше онолку колку што требаше за да го одржи водството, а потоа стигнаа проблемите со црно-белата летаргија.

Војводина на Мирковски сигурно ја доби третата четвртина и во последните десет минути игра влезе само со минус два. Поискусниот тим во последните десет минути покажа квалитет, нервозата кај момците во црвено дојде до израз, а победникот беше решен без драма, иако Војводина не се предаваше до самиот крај.