Мирковски е замената за Гацов на клупата на Академија ФМП

Само неколку часа по смената на Игор Гацов, новиот македонски кошаркарски прволигаш, Академија ФМП го пронајде неговиот наследник. Владимир Мирковски е нов тренер на дебитантот во елитата, откако денес беше постигнат комплетен договор со клупската управа и се очекува попладнево новиот тренер да го одработи првиот тренинг во новата средина.  

Мирковски претходните пет години работеше во Кина и само што се врати во татковината, веднаш доби понуда да го замени Игор Гацов. Поранешниот помошник во МЗТ Скопје, во периодот кога тренер беше Александар Јончевски, го водеше и гевгелиски Бест, пред да замине во Кина.

Своето деби на клупата на Академија ФМП, Мирковски ќе го има в сабота против шампионот МЗТ Скопје. Целта со новиот тренер останува опстанок во лигата, но најнапред треба да се прекине црната серија, која вели дека Академија ФМП нема победа уште од почетокот на декември минатата година, а поврза пет порази по ред.