Мираковски: Срамота е да се прими 71 поен во едно полувреме...

Димитар Мираковски, тренерот на Работнички, по поразот од Широки Бријег за крај на настапите во „балонот“ во Сараево во АБА-2 лигата испрати многу критики до своите играчи. Некогашниот играч на центарци кажа дека е срамно да се прими над 70 поени во едно полувреме и истакна дека ќе следи длабока анализа и разговор со сите играчи.

„Ова е фрапирачки факт, честитки за Широки, се виде дека имаат повеќе енергија. Вакво нешто не знам дали во кошарката се случило досега, некој да прими 71 поен во едно полувреме. Знам дека е тешко, дека се игра на два дена, дека се има падови... ама толку поени не смееше да се прими во едно полувреме. Во сите елементи потфрливме, немавме енергија. Стоевме. Ова е срамота. Ќе анализираме и ќе зборуваме со некои играчи. Ваков пристап во второ полувреме е недозволив. Загрижувачко и срамно е она што се случи“, изјави Мираковски.

Центарци во Сараево забележаа една победа и два порази и направија голем чекор назад во битката за место во плеј-офот кое сега ќе биде многу тешка мисија.