Мираковски: Сега знаеме на кои позиции треба да се засилиме

Кошаркарите на Работнички со половичен ефект од две победи и исто толку порази, го завршија своето учество од премиерниот настап во првиот од трите предвидени „балони“ од АБА 2 лигата од регуларниот дел.

По двете врзани победи, стигна втор пораз. Како многу подобра, поцврста, физички доминатна екипа од нив се покажа онаа на Младост од Земун. За еден ваков, турнирски ритам, на Работнички му треба уште нешто.

„Имавме желба да го завршиме турнирот со победа, но видовме дека во моментов не сме во состојба да издржиме четири натпревари во период од седум-осум дена, односно седум натпревари за 15 дена. Ова не значи дека сакам да ја оспорам победата на Младост, од срце му честитам на целиот тим бидејќи покажа неверојатна игра иако обременет од проблеми со повредени играчи и болни од корона.

Се виде дека против екипи кои се физички посилни од нас не можеме да издржиме и тука треба да се бараат причините за поразот“, вели тренерот Димитар Мираковски.

Тренерот нашиот најтрофееен тим најави засилувања на ранливите места во ростерот. 

„Сега работите ни се малку појасни и знаеме каде треба да се засилиме. За да се издржи ваков ритам на натпревари, мора да се донесе уште некој физички силен кошаркар. На секои 3-4 натпревари паѓаме во играта“, заврши тренерот на Работнички.

Вториот наш претставник, екипата на МЗТ Скопје својот последен меч во „балонот“ на Златибор ќе го игра на 18 ноември, од 17:00 часот, а за противник ја има екипата на Борац од Бања Лука.