Мираковски: Само што започнавме со засилувањата, ќе бидеме многу посилни

Крајот на минатата година остави наталожени проблеми за најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, Работнички. Затоа од клубот од Центар веднаш се фатија за работа, доведоа неколку освежувања, а во планот на управниот одбор се и дополнителни засилувања.

Тренерот Димитар Мираковски верува дека вистинскиот лик на неговиот тим, љубителите на кошарката ќе имаат можност да го видат оваа пролет.

„Имаме некои промени во играчкиот кадар, би рекол, очекувани, планирани. Знаете дека со нас повеќе не е Двејн Бенџамин, и дека во меѓувреме ги договоривме деталите од договорот со Марјан Младеновиќ. Во меѓувреме во тимот се врати и Стефан Младеновиќ, кој дефинитивно ќе го прошири ростерот. Но тука не е крајот на новитетите во Работнички. Многу скоро ќе се засилиме со уште еден играч на надворешните позиции, а планирано е уште едно засилување, сакаме да биде квалитетно, и сме во завршна фаза од преговорите. Можеби нема да стигнеме за првиот меч, за овој викенд, но веќе од наредниот би требало“, вели Мираковски.

Предводникот на нашиот најтрофеен клуб верува во поуспешен втор дел од шампионатот, во споредба со променливата есен. Посебно бледи беа изданијата на Работнички против фаворитите и на дерби дуелите. 

„Ако се земе в предвид дека досега и немавме некој вистински разигрувач, креатор на ситуации, очекувам подобра кошарка од наша страна. Како за оние „поголемите момци“, што се во рекетот, така и за оние кои се вистински шутери во тимот. Ако од мене очекувате некои еуфорични изјави, или најави, нема да ги добиете... Реков, најпрво, мојата желба е да навистина играме добра, вистинска кошарка. Една победа плус во една ваква израмнета конкуренција многу значи, дури и промена на местата на табелата. Но името Работнички само по себе носи и свои обврски, барања. Мора да бидеме на нивото на клубот, секогаш подготвени за највисоки дострели“, заврши тренерот на Работнички.

В сабота во Скопје гостува Куманово, во еден од трите дерби натпревари во првото коло во 2020 година.