Мираковски: Одигравме катастрофално, вака нема што да бараме во плеј-оф!

Кошаркарите на Работнички не успеаја во целта да го симнат Пелистер од врвот на табелата по крајот на регуларниот дел во Првата лига на Македонија. 

Бидејќи на „црвено-белите“ им беше потребен триумф од 25 поени разлика, не се ни очекуваше таков дебакл денес во Битола, а пелистерци напротив го распарчија ривалот. Предводникот на Работнички, Димитар Мираковски призна дека одиграле лош натпревар. 

„Одигравме катастрофално, не знам што е причината, како да немаше никаква енергија. Дали дека ги загубивме шансите за повисок пласман, или со проблемите, како што се Бундовиќ и Младеновски кои не беа со нас на овој меч. Мора да се стегнеме, почнува плеј-офот, ќе видиме на кој противник одиме. Меѓутоа, ако играме вака, нема што да бараме во плеј-офот. Оваа година нема фаворити во мак-баскетот, секој може секого да го победи и нема да биде изненадување ако некој фаворит отпадне рано. Исто е и со Купот на Македонија. Се е отворено оваа година, која е претешка за сите нас, затоа што се соочувавме со корона вирусот и незгоден распоред“, ни изјави Мираковски. 

Сепак, дуелот во „Боро Чурлевски“ беше само за престиж, а двата клубови веќе се во Суперлигата и важат за едни од главните фаворити за тронот.