Мираковски: Нема да биде лесно, Пелистер е квалитетно пополнет на сите позиции

Екипата на Работнички уште на стартот од оваа сезона му нанесе пораз на големиот ривал МЗТ Скопје, но се чини дека денес пред себе го има најголемиот предизвик во Првата лига. 

На гости му доаѓа разиграниот Пелистер, тим кој сезонава игра одлично и лидер на табелата во пет победи од исто толку натпревараи. 

Првиот тренер на Работнички, Димитар Мираковски во пресрет на овој дуел потенцира дека негова главна цел во изминатиот период била да ги врати своите играчи во некоја форма потребна за одигрување на вака значајни натпревари.

„Една специфична ситуација годинава каде што може да имате седум натпревари за две недели, и ниту еден натпревар во рок од 40 дена. Главна цел по последната изолација и заболени, беше колку што може физички да ги вратиме кошаркарите. Натпреварувачка форма немаме, тоа е јасно. Меѓутоа очекувам да го задржиме интензитетот во целиот тек на натпреварот. Во спротивно ќе се соочиме со сериозни проблеми. Пелистер е екипа која што е квалитетно пополнета на сите позиции. Игра брза кошарка, со високи играчи што шутираат од надвор, и ги прави дополнително тешки за бранење. Уште еднаш ќе кажам, очекувам наш висок интензитет во текот на цел натпревар, што не беше случај на претходните“, вели младиот стратег.

Дуелот на непоразените се игра во Скопје, со почеток од 17:00 часот, а истиот нема да биде последен за битолчани, затоа што в среда ќе се судрат со ТФТ.