Мираковски: Најискусните направија две катастрофални грешки

Димитар Мираковски, стратегот на Работнички, даде коментар по „вечното дерби“ во АБА-2 лигата против МЗТ Скопје и тесниот пораз на турнирот (82-84) во регионалното натпреварување.

Некогашниот македонски репрезентативец, а сегашен стратег, истакна дека очекувано било дуелот на Работнички и МЗТ да се одлучува во неизвесен финиш. Околу клучните моменти, Мираковски истакна дека пресудиле две катастрофални грешки на двајцата најискусни играчи, во случајов тоа се Питс и Николовски.

„Многу такви тесни мечеви има меѓу Работнички и МЗТ. Кога играат овие две екипи, има некоја таква енергија. Одигравме прилично лош натпревар во поголемиот дел, се баравме себеси, дали е раниот термин или уморот, не е важно. На крајот моравме да поставиме зона, успеавме да се вратиме во мечот, а на крајот најискусните играчи направија две катастрофални грешки. На четири разлика се забележа зицер-блокада, па чекори од капитенот... Тоа го врати МЗТ во живот. И покрај лошиот натпревар и петте фаули на Бундовиќ, кој е единствен играч кој можевме да го користиме на „лоу-пост“, се вративме и бевме блиску до победата. Меѓутоа, тоа е кошарката, еднаш победуваш на последна топка, еднаш губиш“, изјави Мираковски.

Работнички досега на своето конто во АБА-2 лигата има осум натпревари, со скор 2-6.