Мираковски: Мораме максимално квалитетно за да славиме против овој МЗТ Скопје

Најголемото македонско кошаркарско дерби попладнево ќе има ново поглавје, овојпат во тажен амбиент во СЦ „Јане Сандански“, без присуство на гледачи. Односот победи порази е далеку на страната на Работнички. Екипата од „Градски парк“ има 89 победи во меѓусебните дуели, онаа другата, „сино-белата“ може да се пофали со 61 успех во овие пресметки.

„Жалам што натпреварот ќе се одигра без присуство на публика. Спортот е тоа, забава за народот, се игра поради публиката. Меѓутоа, таква е ситуацијата и ние не можеме ништо против тоа. Имавме една подолга пауза од која, за жал, не извлековме некоја голема корист. Имавме неколку повредени играчи и мака мачевме со бројот на играчи способни за тренинг. Меѓутоа, очекувам сите да стиснат заби за денешниот натпревар, бидејќи сите добро знаеме што значи да се игра против МЗТ Скопје. Имаме и нов играч кој полека се вклопува во тимот. и како одминува времето очекувам да бидеме се подобри.

МЗТ Скопје е многу квалитетен тим и за да победиме мора да одиграме многу квалитетен натпревар, и во одбраната и во нападот. И тие имаат некои играчки промени, а и покрај поразот од Динамик, тие се во еден понатпреварувачки ритам во однос на нас“, рече Мираковски. 

Двата најголеми ривали во македонската кошарка одиграле вкупно 20 натпревари на таканаречен „неутрален терен“. Тука се подразбираат оние мечеви кои во текот на две сезони, МЗТ Скопје како домаќин ги играше во Спортскиот центар  „Борис Трајковски“во Скопје. И тука силите се израмнети, односно по десет победи на двете страни (10-10).