Мираковски: Играчите се разбудија по критиките по поразот од МЗТ

Работнички по поразот од МЗТ Скопје им се врати на победите во АБА-2 лигата со стил. Центарци го разбија тимот на Сутјеска (84-62), резултат кој го радува тренерот Димитар Мираковски.

Некогашниот македонски репрезентативец, а сегашен стратег, истакна дека го радува фактот што играчите ги прифатиле критиките по поразот од МЗТ и заиграле онака како што треба во дуелот со црногорскиот претставник.

„Не беше лесно да се победи, сите знаеме како се изедначени екипите на овој турнир. Меѓутоа нешто што ние променивме на овој меч беше пристапот. Секоја чест за играчите. Не беше проблем поразот од МЗТ за нас на претходната средба, туку пристапот. Сите добро ги прифатија критиките и покажаа резултат. Пред неколку дена Сутјеска даде 94 поени со Студентски, сега ние ги спуштивме под 70 поени. Но, не смее да се опуштиме, мора да одиме на победа и на следниот меч“, изјави Мираковски.

Следниот натпревар Работнички го игра в недела, а противник ќе биде тимот на Широки Бријег.