Мираковски: И Пелистер да победеше, немаше да биде незаслужано

Димитар Мираковски, тренерот на Работнички, им честита на своите избраници за тешката победа во Битола, но напомена дека и Пелистер да триумфираше на овој натпревар, тоа немаше да биде незаслужено. 

<<< ПОВРЗАНО - Шоу на Лесколт, Работнички по две продолженија ја освои Битола

Македонскиот вицешампион, иако беше голем фаворит, едвај се извлече во Битола и по две продолженија успеа да го скрши отпорот на расположениот Пелистер, победувајќи го со 110-115, во дербито од 13. коло на Првата лига.

„И Пелистер да победеше немаше да биде незаслужено. Тие не успеаја да ги искористат своите шанси, а ние бевме смирени во клучните моменти. Првото полувреме го одигравме крајно безобразно во дефанзивата, примивме 54 поени, но потоа моите играчи ја зацврстија одбраната, затоа што само така може да се добие еден натпревар. Навистина многу ми е жал доколку Пелистер нема да игра во Суперлигата, бидејќи покажа дека е стабилен клуб, а и добро е што публиката се врати на трибините“, ни изјави тренерот на Работнички.

Младиот стратег најави дека Работнички ќе биде далеку посилен пролетва, а не ја исклучи можноста тимот да доведе уште едно засилување. 

„Работнички дефинитивно ќе биде посилен оваа пролет. Потпишавме со уште еден плејмејкер, но не успеавме да го регистрираме навреме. Може ќе дојде уште едно ново име. Но, како и да е верувам во сите играчи кои ги имам на располагање“, заврши Мираковски.

Во дресот на Работнички блесна Лесколт со 43 поени, додека кај пелистерци се истакнаа Зекири со 28 и Мекиќ со 25 поени.