Мираковски и Кочов едногласни: Најголема желба е да останеме здрави и живи...

Работнички ќе биде домаќин на МЗТ Скопје на стартот од новиот кошаркарски шампионат во Македонија. Вечните ривали ќе се соочат во „Градски Парк“ во обид да му зададат удар на конкурентот за титулата.

Предводникот на домашниот тим Димитар Мираковски им посака здравје на сите учесници и се надева на полни трибини по крајот на пандемијата.

„Една нова ситуација и начин на живот на кој сите се обидуваме да се прилагодиме колку е тоа возможно. Се обидуваме да функционираме колку тоа го дозволува здравствената ситуација. Знаеме дека први имавме случај на коронавирус. И штотуку почнати, мораше да одиме во изолација 14 дена. Потоа се појавија и некои повреди. Дури сега, за првпат во текот на неделава тренираме комплетни. Меѓутоа, кога доаѓа МЗТ, се заборава на сè. Се стискаат заби и се игра на максимум, тоа е она што го очекувам од играчите. Шансите се израмнети, празна сала, по неколку нови играчи, непознаница во каква форма сме, бидејќи одигравме само два контролни натпревари. И тоа е сè од март до сега. Посакувам на сите играчи, тренери, пред сè, здравје да нè служи годинава. И надеж дека што побрзо ќе заврши ова, и повторно ќе играме пред полни трибини за да ги радуваме сите искрени љубители на кошарката“.

Неговиот колега на спротивната страна Ѓорѓи Кочов има идентични желби, а најавува и голема борба со вечниот ривал.

„Кога сме кај очекувања од сезоната, мојата првична и најголема желба е да сите останеме здрави и живи. Сметам дека тоа треба да биде примарната цел на сите. Навистина испраќам искрено сочуство до сите наши сограѓани кои изгубија некој свој близок во борбата со корона вирусот. Исто така, сакам да изразам големо сочуство до можеби еден од нашите најголеми фанови и подржувач, и кој изминативе денови го загуби својот син поради коронавирусот. Професорот скоро и да нема пропуштено наш тренинг во изминативе четири години. Најдлабоко сочувство до него и до неговото семејство.

Натпреварот со Работнички доаѓа во време кога и двете екипи ќе се сретнат во момент на ненатпреварувачка  форма, згора на тоа без присуство на публика. Последниот натпревар го одигравме пред скоро  месец и половина, а бевме и во карантин 14 дена. Тренираме некои десет дена.  Да беше некој друг натпревар, а не градско дерби, ќе кажев дека  нема големо значење. Меѓутоа, играме против градскиот ривал кој направи навистина одличен тим. Ако го исконтролираме нивниот скок и шут за три поени, мислам дека ќе славиме во „Градски парк“. Ќе дадеме сè од себе да тоа биде така. Но најбитно ми е да останеме здрави до тргнувањето за Златибор каде ќе одиграме четири меча за девет-десет дена. Нашиот фокус е таму, навистина се надевам дека нема да имаме ново инфицирани играчи, бидејќи темпото на играње ќе биде навистина пеколно“.

Големото македонско дерби се игра денес со почеток од 18:00 часот.