• Горан Упале
Koшаркарите на Минесота Тимбервулфс ја продолжија победничката серија во овој дел од сезоната во НБА лигата и му нанесоа тежок пораз на најслабиот тим на Западот – Јута Џез. Во „Таргет Центарот“ домашниот тим славеше со 128-102 за осма победа во низа и чекор натпревар кон директен пласман во осминафиналето.
Најдобар поединец на паркетот беше Едвардс со 41 поен, а кај победничкиот тим одличен беше и МекДаниелс со 20 поени. На спротивната страна најрасположен беше Колин Секстон со 22 поени.
Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс на домашен терен го совладаа Феникс Санс со 107-96 и ја запишаа првата победа по повредата на Леброн Џејмс.
Во отсуство на „кралот“ одговорноста ја презеде словенечкиот репрезентативец Лука Дончиќ, кој беше вистински лидер на тимот и натпреварот го заврши со 33 поени,11 скока и осум асистенции. Покрај Дончиќ, Лејкерси ги предводеа Остин Ривс со 28 поени, четири скока и шест асистенции и Џексон Хејс со 19 поени, шест скока и три асистенции. Кај поразениот тим се истакна Кевин Дурент со 21 поен, 9 скока и 2 асистенции, а го следеше Девин Букер со 19 поени, 5 скока и 11 асистенции.
Во неделната програма во НБА лигата победа извојува и вториот клуб од Лос Анџелес. Клиперси на погонот на одличниот Џејмс Харден извојуваа убедлив триумф над Шарлот со 123-88.
„Брадата“ одново блесна на паркетот, постигна 31 поен, а запиша уште десет скока и седум асистенции. Кај победничкиот тим солиден беше и Зубац со 17 поени и 14 скока, а Вилијамс со 18 поени беше најпрецизен кај Шарлот.