• Саше Љолес
Никола Милутинов беше презадоволен од изданието на неговата репрезентација на натпреврот против Порторико и за медиумите изјави дека Србија одиграла максимално коректно и според планот кој бил зацртан од селекторот Пешиќ.
Центарот на Олимпијакос придонесе со 11 поени и девет скокови во триумфот со 107-66, по што рече дека сега клучен меч е оној во последното коло против селекцијата на Јужен Судан.
„Успеавме да одиграме како што се договоривме со селекторот. Имавме план и се држевме до него. Ме радува фактот што игравме тимски и не дозволивме никакво изненадување. Знаевме дека Порторико е квалитетен тим, но ние имаме играчи од светска класа.
Сега се фокусираме на мечот против Јужен Судан. Знаеме од колкава важност е да оствариме триумф, затоа што не сакаме да се доведеме во несакана ситуација. Целата екипа е максимално посветена на тренинзите, а резултатот се надевам дека ќе биде во наша полза“, вели Милутинов.
Последниот натпревар од групната фаза Србија ќе го одигра на трети август. Дуелот против Јужен Судан е закажан за терминот во 21:00 часот.