Милано со Димитријевиќ кај Црвена Звезда, но неизвесен е Миротиќ

Италијанска Олимпија Милано ќе биде ослабена на натпреварот против Црвена Звезда во Белград поради Џош Нибо и Фреди Гилеспи, додека одлуката за настап на Никола Миротиќ ќе биде донесена непосредно пред натпреварот, објави кошаркарскиот портал „Спортандо“.

Повредениот Нибо се уште е на рехабилитација во американскиот град Хјустон, додека Гилеспи сè уште ги чувствува последиците од падот на подот и добивањето удар во главата на минатонеделниот натпревар од Евролигата против Фенербахче.

Миротиќ ќе биде меѓу патниците за Белград со остатокот од тимот, но одлуката дали ќе му биде на располагање на тренерот Еторе Месина ќе биде донесена во четврток наутро по шутерскиот тренинг. Ненад Димитријевиќ го нема на списокот на играчи кои може да отсуствуваат, така што значи дека Македонецот ќе биде во тимот и ќе конкурира за настап.

Натпреварот од 29. коло од Евролигата се игра во четврток од 19:00 часот, а е од големо значење за двата клуба во трката за пласман во плеј-офот и плеј-инот. Шестопласираната Звезда има скор 16-12, а десеттопласираната Олимпија 15-13.