Милано прави тим за Ф4 во Евролигата – по Димитријевиќ донесе уште ѕвезди

Екипата на Олимпија Милано продолжува да ги засилува своите редови за следната сезона во Евролигата. Тимот на Еторе Месина официјално објави дека постигнале договор за потпис на Зак Ледеј.

Американецот е четвртото ново засилување на Италијанците по Ненад Димитријевиќ, Армони Брукс и Џош Небо. Последните три сезони Ледеј ги мина во Партизан, со „гробарите“ стана шампион на АБА-лигата и двапати беше во идеалната петорка. Тој имаше просек од 10,2 поени и 4,6 скока во изминатата сезона во Евролигата.

Ова ќе биде втор период за Американецот со азербејџански пасош во Олимпија. Во Милано одигра една сезона во 2020/21 година, кога се истакна со 10,0 поени и 4,5 скока. Ледеј во својата кариера настапуваше и за Олимпијакос и Жалгирис.