• Иван Димовски

Кошаркарите на Борац ќе бидат домаќин на МЗТ Скопје во клучен натпревар за опстанокот во АБА лигата. Двете екипи мора да размислуваат само за победа, а српскиот тим е во подобра положба, бидејќи го доби првиот натпревар во Скопје со осум разлика. Пред реваншот, своите очекувања ги изнесе тренерот Дејан Мијатовиќ.
„Како што предвидувавме, цела сезона ќе се решава во еден натпревар. Знаеме што носи мечот, мора да сме на висина на задачата. МЗТ Скопје и ние сме единствени конкуренти за опстанок. Дуелот го чекаме како „репетирани пушки“, со комплетен ростер и исклучително мотивирани. Знаеме дека мора да победиме. Важна е психолошката стабилност, мора да одиграме енергично и мотивирано. МЗТ Скопје има добри играчи кои сакаат да играат во транзиција. Мора да сме подготвени на многу трчање, ривалот е брз, подвижен, а ние мора да се затвориме. Публиката беше одлична против Мега, но сега е потребна поголема помош со МЗТ Скопје. Мора да направиме сè за Борац да опстане во АБА лигата“, кажа Мијатовиќ.
Покрај тренерот Мијатовиќ, се обрати и Немања Тодоровиќ кој исто така е мотивиран пред дуелот.
„Цела сезона се решава вечерва, голем е притисокот врз нас, но со сигурност и на ривалот. Верувам дека МЗТ Скопје ќе дојде во Чачак со мотив да победи. Во однос на првиот дуел, противникот смени тренер и се засили, доби нова енергија и надеж дека може до опстанок. Ќе се потрудиме ние да дојдеме до најважната победа сезонава, сè е во наши раце, дома, пред нашите сограѓани“, изјави Тодоровиќ.
МЗТ Скопје мора да ја нападне победата во Чачак, бидејќи само така може да се избори место кое води барем во баражот за опстанок, а не директно во АБА-2 лигата.