Мијатовиќ го „уништи“ Академик, Блокотехна со победа тргна во БИБЛ

Кошаркарите на Блокотехна, во својот прв натпревар оваа сезона во БИБЛ лигата славеа победа против тимот на Академик Пловдив со 89-74 (50-43). За тимот од Гевгелија ова е втор настап во регионалното натпреварување, а минатата година обезбедија пласман на Ф4, за на крај да завршат на четвртата позиција.

Гевгеличани подобро го отворија натпреварот и преку расположените Мијатовиќ и Младеновиќ константно ја зголемуваа предноста, која на две минути до крајот од четвртината изнесуваше максимални +13 (25-12). Така, на мала пауза Блокотехна замина со предност од 28-19. Во вториот квартал бугарските кошаркари воспоставија контрола, но на одмор повторно со комотна позитива од 50-43 замина нашиот претставник.

Во третата четвртина се играше изедначено, избраниците на Илиевски ја сочуваа позитивата од 5-6 разлика и пред последните десет минути влегоа со предност од 67-61. Во нив гостите од Бугарија по поените на Бачев спуштија на -4 (73-69), но Главчев и Мијатовиќ со серија поени донесоа позитива од +11 (81-70), која на крајот беше доволна за победа од 89-74. Прв стрелец кај Блокотехна беше Данило Мијатовиќ со 37 поени, а Младеновиќ мечот го заврши со 15 поени. Во тимот на Академик, Бачев запиша 21 поен.

Во следниот натпревар на 18 декември, исто така во Гевгелија, тимот на Блокотехна ќе го пречека Башкими од Косово.