Мициќ: Поразот од САД беше многу болен, но мислам дека цела Србија е горда на нас

Василије Мициќ беше еден од главните адути во таборот на Светислав Пешиќ и одигра феноменален кошаркарски турнир на Олимписките игри во Париз. 

Плејмејкерот на Србија по освоениот бронзен медал изјави дека е пресреќен што „орлите“ ќе се вратат дома со едно од сјајните одличја, но воедно жали и за поразот од САД во полуфиналето, за кој рече дека е најболен во неговата кариера. 

„Личната статистика никогаш не ме интересира. Горд сум што дадов свој придонес за овој тим и пресреќен сум што го освоивме бронзениот медал. На овие Игри доживеав два комплетно различни моменти, најпрво болниот пораз од Американците во полуфиналето, а потоа големата среќа по победата над Германија. 

Тие ни беа големи должници, па затоа ми е драго што успеавме да ги совладаме во волку важен меч. Дуелот со Соединетите Американски Држави е веќе минато и од него ќе можеме само да учиме. Се надевам дека цела Србија е горда на нас“, изјави Мициќ. 

Српската репрезентација важеше за еден од фаворитите за распределбата на медалите, па тоа на крајот и го потврди со триумфот над Германија со конечни 93-83.