Мициќ и Ларкин го „распарчија“ Олимпијакос, дебакл на Алба во Тел Авив

Анадолу Ефес

Европскиот вицепрвак Анадолу Ефес стигна до голема победа на гости во Грција, кај Олимпијакос (67-86).

Турскиот клуб доминантно ги освои втората и четвртата четвртина и заслужено ги однесе бодовите. Очајната форма на Грците продолжи, овојпат пред домашната публика, која беше сведок на едно од полошите изданија на својата екипа оваа сезона.

Дуото Мициќ и Ларкин беше незадржливо и најефикасно на теренот со 27, односно 24 поени. Брендон Пол со 15 поени се издвои меѓу домашните кошаркари.

Макаби Тел Авив ја декласира Алба Берлин (104-78) и ја закова на дното на евролигашката табела. 

Израелскиот гигант има скор од пет победи и два порази и ја предводи листата три екипи кои го делат четвртото место.