ВИДЕО: Мичел донесе втора победа за Јута, Милвоки остана „жив“ против Бруклин

Јута

Изминатата вечер се одиграа два натпревари од НБА плеј-офот, на кој победите ги однесоа домашните екипи.

Јута Џез стигна до предност од 2-0 во серијата против Лос Анџелес Клиперс (117-111). Одново најдобар поединец кај тимот од Солт Лејк Сити беше Донован Мичел со 37 поени. 

„Џезерите“ имаа двоцифрено водство во еден период од третата четвртина. Но, потоа попуштија и дозволија ривалот да се доближи во завршницата. Добрата одбрана на Јута беше клучна во одлучувачките моменти. Феноменален од клупата за резерви беше Џордан Кларксон кој запиша 24 поени. Кај гостите Реџи Џексон оствари учинок од 29, а Пол Џорџ од 27 поени.

Кошаркарите на Милвоки Бакс успеаја да останат „живи“ во серијата со фаворизираниот Бруклин Нетс (86-83). Во натпревар со многу малку поени, домашниот тим предводен од Крис Мидлтон (35) и Јанис Антетокумбо (33) намали на 2-1 во серијата подобар од седум.

Нетси имаа шанса за израмнување во последните секунди. Меѓутоа Кевин Дурант, кој постигна 30 поени, не успеа да реализира од тешка позиција.