Месина: Евролигата дополнително се проширува веќе од следната сезона!

Кормиларот на евролигашот Олимпија од Милано, Еторе Месина, изјави дека елитното натпреварување во овој формат ќе постои само една сезона и најави уште поголемо проширување во следните години. 

Оваа сезона Евролигата првпат ќе брои 20 учесници наместо досегашните 18, а искусниот стратег потврдува дека предвиденото проширување е веќе договорено. 

„На состанокот со Бордот на Евролигата беше соопштено дека од следната сезона натпреварувањето ќе има 24 учесници. Ние сакавме тоа да се случи уште оваа година и да не го чекаме проширувањето, но сепак, работите мораа да запрат. 

Ситуацијата може дополнително да се комплицира, но се надевам дека сите одлуки ќе одат во полза на клубовите. На овој начин ќе имаме побогата и веројатно посилна лига, а битката за учество во плеј-офот ќе биде пеколна“, рече Месина. 

Според неколку италијански медиуми, проширувањето на Евролигата треба да биде официјално соопштено од челните луѓе во текот на следниот месец.