• Саше Љолес
Тренерот на Олимпија Милано, Еторе Месина, не беше задоволен од поразот на неговиот тим од Анадолу Ефес, а воедно упати и благи критики на адреса на нашиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ.
Нено имаше скоро безначаен учинок и забележа само една асистенција, а неговиот тренер смета дека Македонецот може многу да напредува, иако знае дека за тоа ќе му биде потребно време.
„Очигледно е дека Ненад има проблем во Евролигата, особено на физички план. Досега тој изведе само четири слободни фрлања, а има и одредени проблеми во одбраната.
Во италијанското првенство е малку полесно, но во елитата мора да биде на задоволително ниво. Потребен му е период на адаптација, без оглед на фактот што има 26 години. Тука сме за да му помогнеме и да го изведеме на вистинскиот пат“, рече Месина.
Олимпија Милано има само една победа од пет одиграни средби во Евролигата. Нашиот Нено во домашното првенство досега забележа просек од 10 поени и 5,5 асистенции по натпревар, додека во елитното натпреварување има просек од 7,6 поени, 3,2 скока и 3,4 асистенции.