Месина: Да не заборавиме дека Димитријевиќ е дебитант во Евролигата...

Олимпија Милано го изненади Реал Мадрид во Евролигата и дома го совлада со 85-76. Во овој натпревар најдобар поентер беше македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. 

По мечот, тренерот на „манекените“ Еторе Месина зборуваше на повеќе теми, а доби и прашање за Македонецот. Тој имаше само пофални зборови за Димитријевиќ и нагласи дека конкуренцијата ќе биде добра за него и тимот.

„Да не заборавиме дека Ненад е дебитант во Евролигата. Во последната четвртина во Виторија и против Виртус имаше значително влијание. Верувам дека ако се навикне физички на лигата, ги има сите предиспозиции да биде добар. Тој и Манион имаа сериозен тест против рапсоложениот Кампацо кој сакаше да победи. 

Мислам дека кога ќе се соберат впечатоците, Димитријевиќ ќе може да профитира од доаѓањето на Манион, ќе ги поделат одговорностите. Имаат различни стилови на игра. Ако продолжат да работат добро, можат заедно да растат, а тоа ќе биде добро за тимот“, изјави Месина.

Димитријевиќ ја имаше најдобрата евролигашка партија досега, го заврши мечот со 22 поени и заедно со Зек Ледеј беше еден од лидерите на тимот на теренот против „кралевите“.