ВИДЕО: Мемфис загуби во Торонто и си го искомпликува осмото место на Западот

Во вториот неделен натпревар од НБА лигата, кошаркарите на Торонто Рапторс беа подобри од Мемфис Гризлис со 108-99 на завршниот турнир во Орландо. Мемфис поведе во првата четвртина, но вториот дел отиде на страната на канадскиот тим, кој не го загуби водството до самиот крај.

Како и обично, најдобар во тимот на актуелниот НБА-шампион беше крилниот играч Паскал Сиакам, кој постигна 26 поени (9/16 од игра), а го следеа Норман Пауел со 16, искусниот плејмејкер Кајл Лори со 15 и Фред Ванвлит со 14 поени. Одличен натпревар одигра и Серж Ибака, кој забележа „дабл-дабл“ ефект со 12 поени и 12 скока.

Во поразениот тим од Тенеси, Дилон Брукс постигна 25 поени, додека Морант запиша 17 поени и 10 асистенции.

  • Извештај од натпреварот: 

Торонто е втор на табелата на Источната конференција и од таа позиција ќе тргне во плеј-офот, а Мемфис е осми на Западот, но Портланд Треилблејзерс му „дише во врат“ со еден пораз повеќе.