• Иван Димовски

Кошаркарите на МЗТ Скопје се подготвуваат за натпреварите во плеј-офот на АБА2 лигата. Прв ривал во четвртфиналето на аеродромци е Сутјеска која им е „должник“ за минималниот пораз во регуларниот дел на сезната.
Токму тој аспект го посочи Адем Мекиќ при најавата на натпреварот. Покрај тоа, кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром повика поддршка од трибините за исполнување на целта, а тоа е пласман во АБА лигата.
„Влогот е голем, влез во првата АБА лига. Иако сите не сметаат за благи фаворити, особено бидејќи имаме предност на домашен терен, се надевам дека пред сè ќе имаме правилен пристап.
Мотивот е навистина голем, како што кажав влогот е огромен. Секако, спортски е кога ќе загубите од еден тим, сакате да му вратите двојно. Знаеме какви навивачи има МЗТ Скопје, се надевам дека салата ќе биде полна и многу би ни значело од аспект да се покажеме во што е можно подобро светло. Сите сакаме да играме пред полни трибини, ги повикувам фановите да нè поддржат бидејќи влез во првата АБА лига би значел за македонската кошарка, а не само за МЗТ како клуб“, изјави Мекиќ.
Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Сутјеска е закажан за в среда од 18:00 часот, а при пласман во полуфиналето се вкрстува со подобриот од пресметката на Широки и Спарс Сараево.