Мекиќ: Требаше да одам во Германија, но дојде Задар и сега уживам!

Македонскиот кошаркар Адем Мекиќ повторно е дел од Задар, откако неговото враќање во редовите на актуелниот шампион на Хрватска се случи неочекувано, но брзо. Мекиќ во опширно интервју за „Јутарњи“ откри дека првично имал други планови по заминувањето од Косово, но административните проблеми го спречиле трансферот.

„Го раскинав договорот на Косово и требаше да одам во Германија, но се појавија проблеми со документацијата. Сè се случи многу брзо, а во периодот кога имаше куп натпревари и репрезентативна пауза, решив да почекам и да најдам клуб. Во меѓувреме ми се јави тренерот Даниjел Јусуп. Ми беше навистина драго што го добив тој повик, размислив, разговарав со семејството и еве ме повторно тука“, изјави Мекиќ.

Тој истакна дека токму атмосферата и навивачите биле клучни за неговата одлука да се врати во Задар.

„Не треба многу да се зборува за Задар и за навивачите. Тоа е нешто што мора да се доживее. Како странец ја почувствував таа огромна љубов и тоа е неверојатно. Навивачите разбираат кошарка, не гледаат само статистика, туку ја ценат секоја ситница што играчот ја дава. Секогаш нè бодрат, без разлика дали победуваме или губиме, и затоа имам голема почит кон нив“, додаде македонскиот интернационалец.

Мекиќ сподели и интересна анегдота поврзана со навивачите, потенцирајќи ја нивната посветеност и страст. За животот во градот, тој има само пофални зборови.

„Море, сонце и позитивна енергија. Секојдневно се дружиме, пиеме кафе, атмосферата е одлична. Задар е прекрасен град, луѓето се топли и пријатни, а храната е одлична, што за мене како Македонец е многу важно. Задар засекогаш ќе ми остане во срцето“, порача Мекиќ.

Мекиќ ја има втората авантура во Задар, а со игрите оваа сезона стана еден од милениците на навивачите на хрватскиот клуб. Целосното интервју на Адем Мекиќ за „Јутарњи“ можете да го прочитате на следниот линк.