Мекиќ: Шансата за СП 2023 ќе ја бараме на домашните натпревари

Кошаркарската репрезентација на Македонија ги започна подготовките за квалификациите за Светското првенство (СП) во 2023 година. Прв предизвик за „црвено-жолтите“ ќе биде селекцијата на Шпанија, а дуелот го најави Адем Мекиќ.

Кошаркарот на МЗТ Скопје потенцира дека нашиот национален тим шансата ќе ја бара на домашните средби, а првата од нив е против великанот во европската кошарка. Мекиќ потенцира, за Шпанија не треба да се трошат зборови, но Македонија нема да се предаде предвреме.

„Пред се, ќе ја бараме шансата во домашните натпревари, затоа што мислам дека ниту една репрезентација не е непобедлива. Сите знаеме која е Шпанија, светски првак и европски шампион во повеќе наврати, но претпоставувам дека и таа Шпанија ќе дојде со втор состав. Тие ќе имаат сигурно желба да се докажат, но сите знаеме дека Македонија кога игра дома пред свои навивачи е тежок противник. Верувам во овој состав, можеме да изненадиме, како што кажав претходно, шансата ја гледаме во домашните натпревари. Но, ќе одиме да се надигруваме со секоја репрезентација и на гости“, изјави Мекиќ.

Натпреварот меѓу Македонија и Шпанија се игра на 26 ноември во СЦ „Јане Сандански“, додека три дена подоцна тимот гостува кај вториот ривал во групата, тоа е Украина.