Мекиќ по убедливата победа во Виена: „Се знае кои се лидери, имаме светла иднина!“

Македонската кошаркарска репрезентација одигра одличен натпревар и убедливо ја совлада Австрија во Виена со 59-91, а по триумфот свои впечатоци даде репрезентативецот Адем Мекиќ.

„Забележавме одличен резултат. Многу значаен натпревар за нас. Особено по поразот на Австрија во Кипар, кој беше неочекуван. Знаевме дека домаќинот ќе ја започне средбата офанзивно и физички и моравме да одговориме. Многу сум горд на соиграчите што влеговме многу енергично и мотивирано и со голема самодоверба. Конечниот резултат го докажува тоа“, рече Мекиќ.

Македонскиот кошаркар посебно го истакна тимскиот карактер на селекцијата и важноста секој играч да ја исполни својата задача.

„Многу е важно кога играме како тим, играме како еден. Се знае кои се лидерите на оваа селекција, тука се Нено, Војдан, Мозес, секој има своја улога и ако сите ја извршуваме таа улога, мислам дека имаме светла иднина со оваа млада селекција“, додаде Мекиќ.

Македонија со убедливиот триумф над Австрија направи одличен прв чекор во втората рунда од претквалификациите, а следните натпревари ќе бидат нова можност избраниците на Берокал да го потврдат квалитетот и карактерот прикажани во Виена.