• Горан Упале
Откако Тодор Гечевски мина неколку години во Далмација и со две освоени титули стана капитен на Задар, новиот македонски кошаркар во „градот на кошарката“, Адам Мекиќ, ја продолжи верноста кон клубот за уште една година.
Репрезентативецот на Македонија му се приклучи на клубот во март годинава по заминувањето на Антонио Џордан и пристигна предоцна за да се пријави во АБА лигата. Но, 28-годишниот бек одигра важна улога во Премиер лигата на Хрватска и учествуваше во освојувањето на националниот шампионат.
Благодарение на неговите одлични партии клубот му понуди нова соработка, која што веќе е официјализирана и Мекиќ ќе остане во Задар уште најмалку една сезона.
„Нема сума пари што може да ја замени радоста за освојување на титулата хрватски шампион во полн „Вишњик“. Возбуден сум и среќен што повторно ќе играм пред навивачите на Задар и со играчите кои станаа мои пријатели.
Иако бев во Задар само два и пол месеци, многу се врзав за градот, луѓето и клубот“, рече Мекиќ.
Во Задар одигра вкупно 18 натпревари и имаше просек од 6,9 поени со 2,5 скока и 2,2 асистенции по натпревар.