Мечевите од АБА ќе започнат со едноминутен молк во чест на Вујошевиќ

Челните лица на регионалната АБА лига објавија дека сите натпревари од следното коло ќе започнат со едноминутен молк во чест на починатиот легендарен тренер, Душко Вујошевиќ. 

Црногорскиот стратег го загуби животот по долга борба со низа болести, а фановите и кошаркарските љубители од целиот регион упатија пораки со сочувство до неговото семејство. 

Во текот на месец март, Вујошевиќ беше примен во болница поради влошување на здравствената состојба, кога се појавиле и проблеми со срцето и белите дробови.

Во својата богата кариера, Вујошевиќ беше тренер на многу клубови меѓу кои и лутите српски ривали - Партизан и Црвена Звезда. Најголемиот белег го остави во Партизан, каде што доминираше во првата деценија од овој век и освои бројни титули во домашните и регионалните натпреварувања.

Со „црно-белите“ двапати стигна до „фајнал-фор“ во Евролигата, во 1988 и 2010 година.