• Мартин Танасковски
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија до 18 години доживеа нов висок пораз на Европското првенство (ЕП) Б-дивизија кое се игра во Романија, подобри од нашиот национален тим беа врсничките од Данска (92-39).
Македонија, која на овој настан е со кадетска селекција, имаше меч за заборав затоа што Данките славеа повеќе од убедливо. Само еднаш нашите кошаркарки ја надминаа границата од десет постигнати поени во четвртина, тоа беше во втората кога дадоа 13 поени, додека во останатите квартали двапати застанаа на девет, а еднаш на осум поени.
За разлика од нашиот национален тим, Данска четири пати ја надмина границата од 20 постигнати поени и запиша сигурна победа во разигрувањето за пласман на шампионатот на кој нашиот национален тим ќе финишира како претпоследен или последен, тоа е 17 или 18 место.
Дора Алексова имаше осум поени за Македонија, пред Ана Ангеловска и Зара Стојковска со по шест поени, додека кај Данска, Фреја Јенсен запиша 27 поени пред Ида Вестфал со 16 реализирани поени.
Во последниот меч на ЕП Б-дивизија нашите кошаркарки играат против Шведска. Дуелот е закажан на 11 август од 13:00 часот.