Маслинко и Соколов и во следната сезона во МЗТ Скопје

По потврдата на тренерот Ѓорѓи Кочов и враќањето на центарот Љубомир Младеновски во тимот по една година мината во Словенија, МЗТ Скопје продолжи со официјалното пополнување на ростерот за следната сезона и тоа со македонските репрезентативци, Андреј Маслинко и Дарко Соколов.

„Сино-белите“ ја искористија клаузулата од договорот за да го задржат талентираното крило и за следната сезона, во која се очекува тој да прикаже уште подобри партии и да се етаблира во еден од носителите на играта на клубот од Аеродром. Маслинко минатата сезона настапи на 22 средби во домашното првенство со просек од седум поени и 4,9 скока додека во АБА-лигата одигра 14 натпревари.

Соколов се очекува со своето искуство да даде дури и поголем придонес во следната сезона, откако во неодамна завршеното првенство на Македонија имаше просек од 7,5 поени и 2,3 скока на 25 меча во сино-белиот дрес. Во АБА-лигата, пак, настапи на седум средби со просечна реализација на 6,1 поен и 2,3 асистенции.

Од таборот на МЗТ информираат дека во ист правец течат и преговорите кои во моментов се одвиваат со Дамјан Стојановски и Марко Симоновски.